АктуелноИнтернационално

Левица: Негативниот извештај на Европската комисија го потврди анти-европскиот карактер на оваа Влада

  • Реакција на Политичката Партија Левица.

„Доказ за тоа дека основната цел на борбата на СДСМ да остане на власт е да ги заштити своите коруптивни зделки, а не европската иднина на државата, е Извештајот донесен од Европската Комисија за напредокот на Република Македонија, доставен до Собранието на РМ со цел негово усвојување.

Повторно, како и многу пати досега, тоа се прави задкулисно и екстремно брзо, со цел да се избегне јавна расправа по истиот, бидејќи е далеку од позитивен и само ја потенцира неспособноста на оваа Влада да придонесе за полноправно членство на државата во ЕУ.

Европската Комисија потенцира слабости во клучни сегменти, со кои се докажува коруптивниот капацитет на извршната власт и тоа:

1.Во полето на демократијата, забелешките се дека јавноста воопшто не се консултира при носењето на новите закони, со што е длабоко доведен во прашање квалитетот на донесените закони, па речиси половина од донесените закони минатата година биле донесени по скратена собраниска процедура;

2.Во врска со борбата против организираниот криминал, забелешките се дека институциите се неефикасни и централизирани, особено потенцирани се слабости во издавањето на лични документи со лажни имиња на меѓународни криминални групации, перењето пари и трговијата со луѓе;

3.Се изразува загриженост во врска со значителниот број на предмети со судир на интереси и објавување на имотната состојба во кои се вклучени највисоки извршни функции, со што директно се нотира високата коруптивност на владата;

4.Потфрлања се нотирани и во имплементацијата и заштитата на основните човекови права, каде се наведува дека не е забележан напредок од претходниот извештаен период;

5.Во однос на економскиот развој, се потенцираат слабости во фискалното управување, слаба конвергентност со нивоата на приходи во ЕУ, зголемен дисбаланс за време на пандемијата, нецелосни и слаби мерки за подобрување на мрежата за финансиската безбедност, намалена активна работна сила, пред се, заради неможноста Владата да преземе конкретни мерки за да го спречи иселувањето од државата, а особено е потенцирана високата невработеност кај младите, дури 35,7%;

6.Дополнително нотирано е и дека мерките за подобрување на енергетската ефикасност се во застој, поради што сега се соочуваме со енергетска криза. Ветените брзи изградби на автопати и железнички пруги во владината програма се потенцирани како слабост, бидејќи истите не се остварија и регионалната сообраќајна поврзаност остана ниска.

Ваков извештај на европска институција кон која се стремиме и чиишто вредности се трудиме да ги прифатиме е суштински заклучок дека единствен напредок на оваа влада е постигнат само во насока на обезличување на македонската нација и потчинување на државата кон странските шовинизми. Се докажа дека таквите, наводни облигаторни, чекори за промена на уставното име на државата и ревидирањето на историјата се излишни, бидејќи нотираните слабости во Извештајот извираат од неспособноста и криминогениот карактер на владините функционери и поради тоа оваа анти-европска гарнитура мора што побрзо да си замине.“