Детското одделение во охридската болница сè уште затворено, властите молчат

  • Статус на Виолета Аврамоска – Советник од Левица во Општина Охрид.

„Охрид денес се соочува со најголемата катастрофа до сега. После мојот прес во врска со затворањето на детското одделение во охридската болница, состојбата сè уште е непроменета, а никој од раководството на болницата не ја информира јавноста до кога децата и младите во Охрид ќе бидат оставени без соодветна здравствена заштита.

Ниту како советник, ниту како родител, а пред сè како човек, не можам да ја премолчам оваа катастрофа со која се соочуваме во Охрид. Наместо денес да се бориме сите заедно во охридската болница да бидат поставени лифтови со кои ќе им се овозможи полесен пристап на лицата со попреченост, ние во 21 век сме доведени во ситуација да се бориме да добиеме детско одделение во охридската болница. Со ова охридското здравство го допре дното, а оние кои се најповикани да го решат овој проблем, молчат.

Дали Министерот за здравство и Директорот на охридската болница се запознаени дека најголем процент од населението во Македонија, па и во Охрид, живее на маргините и дека најголем процент од родителите не се во можност децата да ги носат во струшката болница?

И покрај тоа што сега не е време да се бараат виновниците за колапсот на здравствениот систем, туку да се бара решение за проблемот, не можам , а да не ги обвинам трите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ, кои со своето расипничко владеење во изминатите децении ги уништија сите човекови права на народот во Република Македонија, спроведувајќи невидена дискриминација врз припадниците на пониските класни слоеви, а со тоа и врз децата, поради што денес се соочуваме со класна раслоеност како никогаш до сега.

И за крај не можам, а да не укажам во какво нехумано општествено уредување живееме во Република Македонија, во кое здравството и правото на здравствена заштита стана привилегија на богатите, кои можат да си дозволат лекување во приватните клиники, додека обичниот човек е оставен да умира во ходниците и во дворовите на руинираните објекти на јавното здравство.“