АктуелноИнтернационалноНастани

Пронајдени масовни гробници во Канада во кои колонизаторите ги погребувале домородните деца

Во периодот помеѓу 1863-1998 година, во Канада имало над 130 училишни интернати финансирани од владата. Околу 150 000 автохтони, домородни деца биле насилно испратени таму за да ги интегрираат во канадското општество. Слични училишта во XVIII век постоеле на териториите на САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Многу години наназад таму биле носени деца, најчесто одземани од своите семејства. 

Таму децата биле учени на вештини за примитивната физичка работа. Им било забрането да зборуваат на своите јазици и да ги почитуваат нивните народни обичаи. Биле чувани во монструозни услови: гладувале, се разболувале, умирале и биле подложени на физичко и сексуално насилство од страна на службеници на администрацијата. Мртвите биле закопани во необележани гробници веднаш во училишните дворови, а најчесто како  изговор до родителите, било кажано дека нивното дете избегало.

Според истражувањата спроведени до сега, се смета дека помеѓу три и шест илјади деца починале во канадските интернати за автохтони народи во текот на целиот период на нивното постоење. Додека пак, Комисијата создадена во 2008 година од канадските власти утврди дека повеќето дипломци не се враќаат во своите заедници, ова го нарекоа политиката на присилна асимилација и културен геноцид.

На територијата на интернатот во Маријава во Саскачеван, била откриена гробница со повеќе од 751 лице, додека во гробницата немало таблички со имиња, ниту некакви споменици. Станува збор за необележани гробници, слични на оние што постоеле за време на нацистичките логори. Најголемиот дел од остатоците на тела им припаѓаат на деца кои живееле во рамките на интернатот и учеле во тоа училиште во текот на 20 век. Бројот на пронајдени посмртни остатоци е најголем во историјата на ваквите ископувања

Неодамна ваква слична гробница, со остатоци од 215 лица, беше откриена и на територијата на училиште во канадската провинција – Британска Колумбија. При пребарување на гробниците, бил користен георадар, кој овозможува гледање на предмети под земја. Потрагата по ваквите истражувања во моментот не запира и е финансирана од државата.

„Бевме понижени како народ и научивме да го избегнуваме нашиот идентитет“, рече Флоренс Спарвие, поранешна ученичка на едно од овие интернати, на прес-конференција во четвртокот. Шефот на Федерацијата на домородни народи ги нарече интернатите „сцени на злосторства“ и „концентрациони логори“. Додека претседателот на Федерацијата на домородните народи на Канада Боби Камерон кратко изјави „Ова е само почеток“.

Како резултат на револт од обелоденетата вистина, од страна на домородното канадско население, беа запалени повеќе католички цркви.