Левица: Олигархијата во спрега со влaста го труе народот со токсично масло
Од политичката партија Левица денеска реагираа за објавената сторија на ИРЛ, за увоз на опасно масло кое е забрането во ЕУ
„Објавената сторија на ИРЛ, за увоз на опасно масло, кое е забрането во ЕУ, јасно покажа дека за приватниот капитал нема граници, ниту принципи, кога е во прашање максимизирање на профитот! Изминативе години, додека годишно над 3.000 животи беа жртви на загадениот воздух, социјал-демократската власт дозволувала увоз на токсично масло, под лажен назив “масло за горење”, преку анонимна фирма од Кичево.
Кичевската фирма „Евротим”, без никакво портфолио, преку босанска фирма увезувала опасно масло, со кое ги снабдувала, пред се, поранешната компанија Фени и велешката фирма Брако, поврзана со Кочо Анѓушев. Токму поранешниот вицепремиер Анѓушев, бил главниот посредник кој овозможил кичевската фирма да го увезува маслото преку босанската фирма Хифа Оил, која ја следат повеќе скандали на корупција.
Со токсичното масло биле снабдувани дури седум болници, меѓу кои и кумановската болница за која и оваа година Владата не одвои буџетски средства за нејзина гасификацација. Токму Куманово рушеше рекорди на загаденост и го стигна приматот на најзагаден град во светот.
Сепак, од токсичното масло најмногу профитирале приватните фирми, затоа што истото има енормно пониска цена, поради неговата забрана за користење во Европа. Додека Владата на СДСМ трошеше државни пари за скапа кампања за влез во ЕУ, истата со грубо кршење на европските регулативи, дозволила влез на канцерогено масло во државата.
Македонија со Владата на СДСМ стана депонија на отпад кој не може да се продаде во ЕУ, а алчната желба за профит на функционерите на СДСМ дури и во смртноста од загаден воздух гледаат можност за заработка. Покрај Брако, најголем увезувач на токсичното масло е поранешно Фени Индустри на актуелниот градоначалник Митко Јанчев, кое е познато меѓу Кавадарчани по неговите оџаци на смртта.
За скандал од вакви размери, каде директно е доведено во прашање животот на граѓаните, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев уште вчера мораше да биде повикан пред истражните органи. Дополнително, Основно јавно обвинителство мора итно да покрене истрага и да утврди одговорност за сите институции кои биле запознаени со случајот и ништо не преземале. Пред се, мора да има кривична одговорност од поранешниот директор на Царинската управа – Ѓоко Танаскоски, во чие раководење се реализирал скандалозниот увоз. Дополнително, актуелниот директор Горан Сугаревски мора веднаш и неодложно да ги преземе сите чекори за прекин на увозот на ваквото опасно масло. Со секој изминат ден, животот на граѓаните се доведува во опасност и Сугарески ќе се смета за соучесник во ваквиот криминал, за кој ќе биде гонет кога институциите ќе се ослободат од заробеноста на хибридниот режим.„