Левица: Незастарување на кривичните дела на јавните функционери – единствен излез од правната криза СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ
Во целост ја пренесуваме реакцијата на Политичка Партија – Левица
„Пред една година, помпезно најавениот обвинителски процес (кој беше претставен од Костадин Костадинов како огромен успех на СДСМ во насока на наводните реформи во правосудниот систем), против поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски заврши со резолуција во која се наведува дека обвинителството не утврди дека постојат основи на сомнение дека било извршено кривично дело кое се гони по службена должност.
Со резолуцијата, за триесетината предмети „заборавени во фиока“, никој кривично нема да одговара. Со оглед дека Јово Вангеловски беше избран за претседател во времето на владеењето на ДПМНЕ, а добива кривично правно „помилување“ за своите дејствија во време на СДСМ, станува јасно дека владеењето на СДСМ е само продолжена рака на ДПМНЕ со исти аршини на делување, кои апсолутно не се во насока на владеење на правото, она за што впрочем сегашната владеачка гарнитура гласно говореше пред изборите.
Што доколку тие тиресетина предмети вклучуваа економски кривични дела, или во постапувањата на поранешниот претседател на Врховниот суд во иднина се утврди дека постојат основи на сомневање за сторено економско кривично дело, како дело со кое се повредува економскиот систем, како и економските интереси!?
На овој начин се поттикнува вакви слични поведенија во иднина да станат пракса без одговорност. Впрочем, сегашното позитивно право предвидува и нивна застареност, а од друга страна економскиот систем на државата со сите негови институции трпи незастарливи и неотстранливи последици кои на крај паѓаат на товар на граѓаните.
Затоа Левица во својата програма предвидува мерка Незастарување на кривичните дела поврзани со т.н. економски криминалитет и корупција извршени од страна на јавните функционери. Со оваа мерка ќе се делува превентивно во насока на демотивирање за сторување на ваков тип криминалитет.“