АктуелноЛокално

Висока делегација на Комунистичката партија на Кина во посета на Левица во Кисела Вода

Во рамки на продлабочувањето на односите меѓу Левица и Комунистичката партија на Кина (КПК), високата кинеска делегација предводена од заменик-министерот за надворешни работи Чен Џоу, ја посети Општина Кисела Вода, каде што се сретна со локалниот огранок на Левица.

Како што информира партијата Левица преку своја официјална објава, оваа средба следи по претходниот состанок на кинеската делегација со Президиумот на партијата, а била организирана со цел да се запознаат гостите со локалните активности, практиките на терен и пристапот во мобилизацијата на граѓаните.

Делегацијата на КПК беше пречекана од модераторот на огранокот во Кисела Вода, Дончо Мишовски, како и од дел од советничката група на Левица во општината. Според Левица, разговорот се фокусирал на начинот на кој локалните партиски структури комуницираат со партиската база и со населението во општината.

„Локалната заедница е основата на партиската акција“, изјавил Мишовски пред гостите од Кина. Кинеската делегација го поздравила ваквиот пристап и ја истакнала важноста на партиските структури „кои ги слушаат и ги рефлектираат потребите на народот“.

Левица потенцира дека ваквите средби не се само протоколарни, туку претставуваат конкретен чекор во зајакнувањето на идеолошките врски и солидарноста меѓу левичарските партии. Во објавата се наведува и дека односите меѓу Левица и КПК се градат на човечко ниво, преку заедничките борби на обичните луѓе и преку сличниот поглед кон социјалната правда и системските промени.

Оваа посета се сместува во контекстот на пошироката меѓународна соработка што Левица ја гради со сродни партии, особено со оние што имаат долга традиција на левичарска организација и социјално ориентирано владеење.

Z P

Zvezdanka Pesikj