АктуелноЛокално

Закани кон новинар во Прилеп: Кандидат за пратеник од ЗНАМ се заканувал со зборовите „ќе ти ја кренам фамилијата во воздух“

Кандидат за пратеник на движењето ЗНАМ, Емил Јанески, е обвинет дека упатил сериозна закана кон новинарот Зоран Момироски преку заеднички пријател, објави денеска на Фејсбук синот на новинарот. Според објавата, заканата била испратена поради спомнувањето на името на Јанески во неделните колумни на Момироски во чувствителниот предизборен период.

„Моето семејство доби испратена закана од Емил Јанески дека доколку мојот татко продолжи да го споменува неговото име, ќе испрател луѓе кои се спремни да ја дигнат во воздух мојата фамилија“, стои во објавата.

Обвинителот упатува директен апел до раководството на ЗНАМ, вклучително и претседателот Максим Димитриевски и генералниот секретар Горан Минчев, да се дистанцираат и да го санкционираат Јанески. „Ако не го приберите, одговорноста ќе биде ваша“, се вели во предупредувањето.

Во својата објава, синот на Момироски ја поврзува оваа ситуација и со наводни претходни инциденти, посочувајќи дека пред 15 години слична тактика, според него, била спроведена врз него од поранешниот градоначалник на Прилеп, Илија Јованоски-Муцето, кој исто така се споменува како близок до Јанески.

Заканите доаѓаат во пресрет на парламентарните избори и отвораат прашања за притисоците и безбедноста на новинарите и нивните семејства, особено кога известуваат за политички субјекти и кандидати.

Објавата на Фејсбук за заканите во продолжение: