Случај на свирепо мачење на штрк во Гевгелија – „Анима Мунди“ бара итна интервенција од надлежните
Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ денеска алармираше за нов случај на брутално насилство врз животни во Гевгелија, каде група деца свирепо измачувале млад штрк. Според сведочења на очевидци и безбедносни снимки, малолетниците со велосипеди намерно го повредиле птицата, која претрпела сериозни телесни повреди.
Од здружението остро реагираа и ја повикаа јавноста и надлежните институции случајот да не остане незабележан и несанкциониран.
„Овој чин претставува свесен, суров напад врз диво животно и мора да биде третирано со најголема сериозност. Ваквото насилство е симптом на длабоки социјални и психолошки проблеми и бара итна психолошка и воспитна интервенција кај децата извршители“, порачуваат од „Анима Мунди“.
Од организацијата предупредуваат дека непостапувањето по вакви случаи само го охрабрува насилството, кое лесно може да ескалира и во други форми на девијантно однесување. Тие апелираат за воведување на системски решенија во образованието, медиумите и родителството кои ќе ја промовираат хуманоста и одговорното однесување кон животните и природата.
Иако земјава има законска рамка за заштита на животните, активистите со години укажуваат дека овие закони ретко се применуваат во пракса. Насилството врз животни – од труење и тепање до убиства – е секојдневие на кое институциите речиси секогаш остануваат неми.
„Анима Мунди“ бара итна реакција од полицијата, Центарот за социјална работа и Министерството за образование, како и соодветна грижа за повреденото животно. Случајот, според нив, мора да биде преседан во борбата против насилството врз животните и поттик за воспоставување на ефективен механизам за превенција и санкционирање на вакви дела.
Целото нивно соопштение за случајов во продолжение: