Јовановска обвинува: ДПМНЕ блокира вработувања и зголемување на плати за скопските пожарникари
Советничката на Левица во Советот на Град Скопје, Катерина Јовановска, упати остри критики кон советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги дека систематски ја опструираат работата на Противпожарната бригада на Скопје.
Во својот јавен настап, Јовановска истакна дека советниците на ДПМНЕ упорно не гласаат за вработување нови пожарникари во скопската бригада, со што, како што вели, се доведува во прашање безбедноста на граѓаните и ефикасноста на интервенциите во случаи на пожари и други итни ситуации.
Дополнително, таа ја обвини и Владата, односно Министерството за одбрана, кое го раководи кадар на ДПМНЕ, дека не дава одобрение за исплата на дотации за усогласување на платите на пожарникарите, и покрај законската основа и барањата од Градот.
„Денеска, за да се изнајде решение за ова прашање, беше предложен ребаланс на буџетот на Градот Скопје, со кој се кратат 54 милиони денари од ставката за изградба и реконструкција на улици, само за да се обезбедат средства за плати на пожарникарите,“ посочи Јовановска.
Таа оцени дека ваквото однесување е крајно неодговорно и покажува приоритети кои не се во корист на граѓаните, туку на теснопартиски интереси.
„Советниците на ДПМНЕ нека излезат и им објаснат на пожарникарите – зошто ги блокираат, зошто не им дозволуваат да се вработат нови кадри, зошто ги игнорираат нивните основни права?“, порача Јовановска.
Ситуацијата доаѓа во време кога потребата од добро екипирана и финансиски поддржана противпожарна служба е особено важна поради климатските промени и сè почестите пожари, како и загрижувачката состојба со инфраструктурата во главниот град.
Целата нејзина објава на Фејсбук во продолжение: