АктуелноЛокално

Собранието ги констатира оставките – Арбен Таравари веќе не е министер за здравство

Собранието на Република Македонија денеска официјално ги констатираше оставките на министерот за здравство Арбен Таравари и на заменик-министрите за земјоделство Фљакрон Беџети и за одбрана Елфете Исмаили – сите тројца кадри на Алијансата за Албанците. Оставките беа поднесени претходно, а денеска формално беа прифатени, без присуство и образложение од самите функционери.

Истовремено, оставка поднел и Националниот координатор за нови технологии, Блерант Рамадани. Овие кадровски промени доаѓаат во период на внатрепартиски турбуленции во Алијансата за Албанците, по што дел од функционерите се приклучија на новоформираната политичка структура „Вреди“.

Според лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, кој е еден од клучните актери во коалицијата „Вреди“, овие оставки се дело на „неколкумина индивидуалци“, додека мнозинството функционери од Алијансата за Албанците остануваат дел од Владата. Касами најави дека во наредните денови, во консултација со премиерот, ќе бидат објавени имињата на новите министри и заменици, особено за Министерството за здравство, кое го оцени како клучно за реализација на ветените политики.

Пратеничката група на Вреди сега брои 9 пратеници, а координаторот Беким Ќоку најави дека се очекува и десеттиот – Салим Сулејмани, поранешен блиски соработник на Таравари – да им се приклучи. Тој упати апел и до останатите пратеници кои го поддржуваат Таравари да се вратат во редовите на групата.

Меѓутоа, не сите функционери кои беа блиски со Таравари поднесоа оставки. Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи во синоќешно интервју порача дека Алијансата за Албанците и натаму е дел од Владата. Според него, од вкупно 50 државни функционери именувани од Алијансата, само тројца досега поднеле оставка.

Овие случувања навестуваат ново политичко престројување во албанскиот политички блок, со потенцијал да влијае врз стабилноста и динамиката на коалициската власт.