Левица – Ѓорче Петров со саркастично видео: Доделени пехари за „најскандинавска“ улица во општината
Во знак на протест против, како што велат, катастрофалната состојба со хигиената и лажните ветувања за „скандинавско управување со општините“, локалниот огранок на Левица од Ѓорче Петров организираше симболично доделување на пехари за најзапуштените улици, во рамки на акцијата „Најскандинавска улица во Ѓорче Петров“.
Со оваа иронична акција, Левица упати остри критики до градоначалникот Александар Стојкоски, за кого велат дека мандатот го завршува со „викиншка борба против урбана хигиена и основни услови за живеење“.
„Ниту енормните количини на ѓубре низ улиците не можат да ги сокријат лажните ветувања за чиста и здрава средина,“ порачаа од партијата, додавајќи дека денес дивите депонии не се само по периферијата, туку и пред секоја зграда, на секој агол.
Во „натпреварот“ за најзапуштена, односно „најскандинавска“ улица, според критериумите на Левица од Ѓорче Петров, беа доделени следните пехари:
- Трето место: Ул. Лука Геров
- Второ место: Ул. Христо Ботанџиев
- Прво место и златен пехар: Ул. Воин Драшкоци, населба Хром
Со оваа акција, Левица порача дека наместо „скандинавски Ѓорче“, граѓаните добиле ѓубре до колена и празни ветувања, барајќи итна промена во пристапот кон комуналната хигиена и отчетност од локалната власт.
Целото видео во продолжение: