(Видео) Јанчев: Собранието крие информации за трошоците на пратениците – Нетранспарентност и прикривање злоупотреби
Собранието на Република Македонија продолжува со праксата на нетранспарентност и игнорирање на законските обврски, откако службите не одговориле на официјално пратеничко барање за податоци за тоа колку патни трошоци и кирии наплатиле пратениците. Пратеникот Саше Јанчев, преку објава на својот Фејсбук профил, остро реагираше на оваа институционална блокада, оценувајќи ја како намерен обид за прикривање на потенцијални злоупотреби и директна деградација на пратеничката функција.
Според Јанчев, уште во јануари годинава, пратеничката Јована Мојсоска поднела барање за добивање информации за тоа колку секој пратеник поединечно наплатил на име патни трошоци и кирии. Барањето било доставено со цел подготовка на законски предлог за ограничување на трошоците и спречување на евентуални злоупотреби.
„Поднесувањето и бранењето закони е суштината на пратеничката функција“, посочува Јанчев, додавајќи дека службите на Собранието имаат и законска и деловничка обврска да ги достават бараните информации.
Но, одговорот од службите изостанал. Дури и кога по еден месец законот стигнал на дневен ред, информации сè уште не биле доставени. По три месеци, додека веќе бил подготвен и втор закон, одговор сè уште немало. Поради тоа, пратеничката Мојсоска, овој пат како граѓанин, поднела и барање согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Сепак, и тој одговор, кој пристигнал по четири месеци, бил – според Јанчев – „половичен“. Наместо поединечни информации по пратеник, како што било побарано, собраниските служби дале само збирни податоци за вкупните трошоци.
„Собраниските служби не не почитуваат ко пратеници, а како граѓани половично не почитуваат. Тоа е деградација на пратеничката функција и кршење на низа одредби од Законот за пратениците, Законот за Собранието и Деловникот на Собранието,“ реагира Јанчев.
Според него, постои сериозен сомнеж дека некои пратеници истовремено наплатувале и патни трошоци и кирии, и тоа иако поседуваат сопствени станови во Скопје. Тој истакнува дека власта нема интерес ваквите информации да бидат достапни за јавноста, но предупредува дека тоа не може да биде изговор за нивно прикривање.
„Службите во Собранието не се сопственост на ДПМНЕ и коалициските партнери, туку на целото Собрание. Ова се јавни информации и по закон се должни да ги дадат, без да водат сметка дали тоа е на штета на власта,“ вели Јанчев.
Како форма на притисок, пратеничката група на Левица најавува дека на секоја наредна седница ќе бара едночасовна пауза, сè додека не се добие одговор на првичното пратеничко барање. Јанчев подвлекува дека непочитувањето на ова барање не само што го попречува законодавниот процес, туку и ја поткопува довербата на граѓаните во транспарентноста и отчетноста на институциите.
Овој случај го отвора прашањето за степенот на институционална одговорност и транспарентност во работењето на законодавната власт и дали постои политичка волја да се спречат можни злоупотреби на јавните средства од страна на избрани претставници на народот.