СДК: Службеници од МВР користеле возило и шофер за настан на само еден километар од работното место
Двајца административци од кабинетот на државниот секретар на Министерството за внатрешни работи (МВР), Сашо Петрушевски, денеска пристигнале со службено возило и шофер на настан што се одржувал на само еден километар од седиштето на Министерството. Настанот се одржал во Клубот на пратениците, а службениците дури одбиле и да поодат пешки 20 метри од капијата до влезот, чекајќи да им се отвори капијата со далечински управувач.
Новинарскиот тим на Сакамдакажам.мк ги праша од која институција се, на што тие одговориле дека се од МВР. На прашањето зошто не оделе пеш, одговориле: „Дојдовме со службено возило зашто нè повикаа на настанот“.
Од организаторите било потврдено дека се работи за вработени во кабинетот на државниот секретар Петрушевски, кои дошле како замена за други членови од истиот кабинет. Од МВР изјавија дека користењето службено возило било во согласност со интерните акти на Министерството.
„Лицата кои го претставуваа МВР на настанот, согласно интерните акти на МВР, имаат право на употреба на службен превоз“, наведоа од Министерството.
Настанот се одржал по повод потпишување декларација за спречување насилен екстремизам од страна на поглаварите на петте верски заедници, на покана од директорката на Комисијата за односи со верските заедници.
Иако не се работи за функционери со безбедносно чувствителни позиции, одлуката да користат службено возило за толку кратка релација предизвика реакции. Државниот секретар Сашо Петрушевски, кој е нивен претпоставен, е на функцијата од јуни 2024 година, кога дојде од ЈП „Куманово-Паркинг“, без претходно искуство во полицијата.