Левица: Стојкоски останува недопирлив – ДПМНЕ ги штити своите кадри по трагедијата во Кочани
Партијата Левица остро ја осуди, како што наведуваат, „целосната неказнивост“ и „партиската заштита“ на в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, по трагедијата во Кочани во која загинаа неколку млади лица. Партијата го обвинува ДПМНЕ дека стои зад заштитата на својот кадар, кој, и покрај сериозните институционални пропусти, не се соочува со никаква одговорност.
„Нема ниту распит, ниту морална, ниту кривична одговорност. Стојкоски не е предмет на истрага, не даде оставка, ниту се појави во јавноста да понесе каква било отчетност. Неговата невиност ја бранат Мицкоски и Тошковски,“ се вели во соопштението на Левица.
Според нив, институцијата што ја води Стојкоски — Пазарниот инспекторат — имала законска обврска да спроведува редовни контроли, особено на угостителските објекти. Наместо тоа, и покрај најава за ригорозни инспекции, не биле преземени никакви мерки, а повеќе од половина објекти по трагедијата се покажало дека работеле без или со истечени лиценци.
Левица потсетува дека Законот за угостителска дејност јасно го дефинира Пазарниот инспекторат како надлежен орган, кој се спомнува дури 40 пати, а и Законот за ДПИ, во член 8, предвидува надзор и санкционирање при неправилности.
„Наместо да се бара одговорност од актуелни функционери, обвинителството се фокусира на магловити ’верижни пропусти‘. Стојкоски е тука, со функција и надлежности – но е над законот,“ обвинуваат од партијата.
Од Левица велат дека додека јавноста бара вистинска борба против корупцијата и неказнивоста, власта продолжува да ги брани фотелјите на своите луѓе. Партијата најавува дека ќе продолжи да инсистира на неселективна правда – за сите, без разлика на партиска припадност или функција.
Целото соопштение на партијата во продолжение: