АктуелноЛокално

Левица алармира за нов ценовен шок: „Народот преживува, функционерите јадат на државна сметка“

Политичката партија Левица со остра реакција го осуди најновиот пораст на цените на основните прехранбени производи, обвинувајќи ја владата на ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ за неспособност и елитистички однос кон економските тешкотии со кои се соочуваат граѓаните. Според партијата, укинувањето на мерките за замрзнување на цените предизвикало „нов, брутален удар по џебот на народот“, додека извршната власт останува немоќна и без реални решенија.

„Иако Владата се фали со ‘успешни мерки’ за стабилизирање на цените, реалноста на терен е сосема поинаква: народот преживува, а профитерите се богатат,“ стои во соопштението на Левица, која тврди дека граѓаните се принудени да купуваат „на парче“, додека функционерите „јадат на државна сметка“.

Левица оценува дека основните причини за постојаниот раст на цените се коруптивните тендери, монополската структура на пазарот, зависноста од увоз и неконтролираните маржи. Партијата ја обвини Владата дека наместо да ги решава овие системски проблеми, бега од одговорност со обвинувања кон трговците, дистрибутерите, па дури и граѓаните.

„Цените растат, платите тапкаат во место, младите заминуваат, а тие што остануваат – преживуваат, бирајќи помеѓу храна или сметки,“ предупредуваат од Левица, барајќи итно преземање на долгорочни и реални економски мерки.

Партијата апелира до актуелната владејачка коалиција да ја „погледне суровата реалност“ и да се откаже од „пи-ар спектакли“ и статистички трикови. Наместо тоа, Левица бара системски решенија што ќе го подобрат животниот стандард и ќе обезбедат економска стабилност за сите граѓани.

Целото соопштение на партијата на следниот линк: