АктуелноЛокално

Турски државјани како насилна сенка во Македонија: Две кривични постапки, две жртви и многу прашања без одговор

Во само неколку дена, Македонија стана сцена на два тешки насилни инциденти во кои се вклучени турски државјани – едниот случај заврши со смрт, другиот со обид за убиство и животозагрозувачки повреди. Заедничко во двете истраги: осомничените се без регулиран престој, се движат и дејствуваат слободно низ државата и се поврзуваат со тешки облици на насилство. Каде е системот?

Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвиненија против пет лица – сите турски државјани – поради смртта на 28-годишен сонародник во кафе-бар во Штип. Првоосомничениот 21-годишник, кој бил без пријавено престојувалиште во Македонија, во Скопје наводно купил нелегален пиштол со избришан сериски број за 1.100 евра, а потоа, на 8 мај, ладнокрвно пукал во жртвата во преполн локал.

Откако го извршил убиството, сторителот со помош на четири други лица, меѓу кои и една девојка, се обидел да избега кон Скопје. Планот бил спречен на патарината кај Миладиновци, каде што полицијата ги сопрела по обид за бегство.

Само неколку дена подоцна, уште еден турски државјанин, 35-годишен маж, повторно без пријавен престој, се обиде да лиши од живот друг Турчин на улицата “Метрополит Теодосиј Гологанов” во Скопје, во близина на Клубот на пратеници – симбол на државна власт. Според Обвинителството, по вербална расправија, осомничениот го нападнал сограѓанинот со капак од шахта, нанесувајќи му повреди во главата, а потоа продолжил да го шутира додека лежел во бесознание. Дури ни пристигнувањето на полицијата не го спречило – продолжил да удира додека не бил насилно совладан.

Овие инциденти се алармантни сигнали дека нешто длабоко не функционира. Како е можно лица без регулиран престој да живеат во земјава, да набавуваат оружје, да се движат меѓу градови и да вршат тешки насилни дела? Дали се работи за организирана група? Дали овие инциденти се одраз на постоење на неформални криминални кругови на странци што дејствуваат под радар?

Во случајот со убиството во Штип, сторителот купил нелегален пиштол во Скопје, а тоа не само што ја отвора темата за трговијата со оружје, туку и ја потврдува неказнивоста на ваквите дела. Во вториот случај, насилството се случува среде главниот град, во близина на објект каде се движат политичари и дипломати. Тоа повеќе не е само прашање на јавна безбедност – тоа е прашање на државна сигурност.

Во двата случаи, обвинителствата побараа притвор – што е најмалку што може да се направи. Но прашањата остануваат:

Како овие лица дошле во државата и колку долго биле тука?

Зошто никој не ги регистрирал, дали се дел од пошироки мрежи?

Како оружје без сериски број стигнува во рацете на странски државјани?

Зошто државата нема регистар или ефикасен систем за следење на движење на странски државјани без престој?

Проблемот не е само во сторителите. Проблемот е во молкот на институциите, во игноранцијата на ризиците и во трајната неспособност да се заштитат граѓаните од насилство што го увезуваме со отворени граници и затворени очи.

Z P

Zvezdanka Pesikj