Министерот што некогаш бараше правда – денес вели „мораше така“
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, некогашен актер и гласен учесник во протестите за права на културните работници, денес стои од другата страна на микрофонот. Наместо поддршка за вработените во културата, Љутков сега нуди извинување и административни оправдувања за доцнењето на мартовските плати, кое ги остави околу 3.000 вработени во 120 институции без примања за време на велигденските празници.
Во изјава пред медиумите, министерот ја бранеше новата методологија за пресметка на плати, нарекувајќи ја „најправилно решение“, иако токму таа беше причината за доцнењето. Љутков тврдеше дека процесот бил „обемен“ и дека, за првпат, пресметката е направена со консензус – со согласност од Министерството за финансии и двата колективни договора. Најавеното зголемување од шест отсто, според него, е во рамките на законското и синдикалното усогласување.
Но, додека министерот зборува за проценти и административна хармонизација, реалноста е дека културните работници – оние кои често работат во мизерни услови и со минимални средства – останаа без средства баш во период кога најмногу им беа потребни. Ова не е само технички проблем. Ова е политичка одлука и морална дилема за човек кој некогаш беше на нивна страна.
Неодамна, истиот тој Љутков го критикуваше системот што ги занемаруваше уметниците, ги поддржуваше барањата за повисоки плати и вложувања во културата, а денес, од позиција на власт, ја повторува истата реторика што некогаш ја осудуваше: дека за културата нема пари, дека институциите „треба сами да си ги обезбедат средствата“ и дека досегашните исплати биле „незаконски“.
Во обид да ја оправда новата пресметка, Љутков ја обвини практиката на претходното министерство и синдикатите, кои во 2019 година склучиле колективен договор без согласност од Министерството за финансии. Според него, тоа довело до ситуација во која дури 81 отсто од буџетот на културните институции одел за плати, оставајќи само 19 отсто за програми и продукција. Но прашањето останува – зошто токму сега и токму на празници се решава нешто што е „проблем стар четири години“?
Кога министерот што некогаш маршираше со уметниците, денес ја оправдува штетата врз истите тие луѓе со бирократски речник, се поставува прашањето: дали Зоран Љутков ја заборави својата порака од сцената, или едноставно ја смени улогата?