Крмов: Потребно е зајакнување на критериумите за избор на уставен судија
- Излагање на пратеникот Борислав Крмов за поднесениот предлог – Закон за уставни судии
,,Главната причина за предлагање на овој закон за нас е тоа што, во овој момент, единствениот услов за персонален избор на уставен судија е флоскулата ‚‚истакнат правник‘‘, која низ годините се покажала како подложна на злоупотреба.
Во Република Македонија, тогаш како дел од СФР Југославија, Уставниот суд се воспоставува во 1963 како самостоен орган на Републиката, со надлежности да ја штити уставноста и законитоста на тогашна СР Македонија.
Во изминатите 30 години, покрај одредени реформи во правосудниот систем, Уставниот суд остана непроменет, и функционира според уставните одредби од 1991 година. Првиот обид за реформа е тој во 2005 година, кои биле поврзани со правното дејство на извршувањето на одлуките на Уставниот суд.
Вториот обид за реформа е во 2014 година, со воведување на уставна тужба, како правен институт за поголема заштита за правата и слободите на граѓаните. Двата обида се подржани од Венецијанската комисија.
Третиот обид за реформа преку Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор за период од 2017-2021 година, со акцискиот план со којшто треба да се овозможи воведување на уставна жалба како механизам и последен филтер пред поднесување на тужба против државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Сепак, главниот проблем во 30-годишната уставна пракса е постапката на избор на уставните судии, бидејќи широкото толкување на категоријата ‚‚истакнат правник‘‘ придонесе до слаб персонален карактер, кој постојано опаѓа. Уставниот суд е целосно политизиран.
Измените кои ги предлагаме во овој lex specialis за уставните судии се однесуваат на тоа:
- Кандидатите да бидат универзитетски професори, поранешни јавни правобранители или нивни заменици, поранешни републички јавни обвинители или нивни заменици, или адвокати со 20 годишно искуство во одбрана на граѓански и човекови права;
- Основни и апелациони судии да не можат да бидат кандидати за уставни судии, додека право на кандидатура да имаат врховни судии и судии кои суделе во меѓународни судови;
- Кандидатите на своите студии имале просек над 9, да се магистри или доктори на науки, да имаат само едно државјанство (македонско) и да не вршеле политичка функција седум години пред да бидат кандидирани;
- Како четврти политички субјект кој може да предлага кандидати за уставни судии да се овозможни номинација од страна на правните факултети;
- За прв пат да има јавен оглас со широк поткомитет за селекција за јавниот оглас којшто ќе биде составен од членови предложени од страна на универзитетите, МАНУ, и сл.
- Воведување на јавно емитување на процесот на интервју на кандидатите за уставни судии;
- Да се зголеми критериумот за разрешување;
- Принудно пензионирање за целосниот сегашен состав на Уставниот суд.”