Отпадот во Македонија – Зелени стратегии, но без реална имплементација
Во Македонија, Зелената агенда изгледа импресивно на хартија. Има стратегии, планови, патокази, експерти, европски фондови и дури и термини како инклузивна транзиција, кружна економија и одржливо управување. Сè изгледа како да сме на вистинскиот пат кон одржливото развивање на земјата. Но, како што вели народот, хартијата не решава проблеми.
Процесите на рециклирање, а поточно одржливото управување со отпад, не се градат со декларации, туку со вистински труд и работа. Како што не се решаваат проблемите од празни зборови, така и нема резултати ако институциите само се обидуваат да се носат со предизвиците , но не вложуваат вистински напор за да го развијат системот за управување со отпад.
Во 2023 година, Македонија произведе 878.303 тони отпад, но само 0,2% од тој отпад беше рециклиран, додека остатокот заврши на депонии. На прв поглед, ова може да изгледа како нормален процес, но кога ќе се погледне ситуацијата во Европската унија, ситуацијата е многу поразителна. Во ЕУ, просечно 48% од отпадот се рециклира, со цел да се намали количината на отпад кој завршува на депонии под 10% до 2035 година. Во некои земји како Шведска, 99% од отпадот не оди на депонија, туку се рециклира или претвора во енергија. Овој стандард веќе е постигнат во земјите како Шведска, а Австрија и Словенија се во процес на зголемување на своите капацитети за рециклирање и согорување отпад.
Македонија, исто така, има стратегија, но реалноста се разликува. Има планови за зелена транзиција и фондови за поддршка, но не се спроведуваат на терен. Иако постојат различни иницијативи, како што е РЕДИ Рециклажа – социјално претпријатие кое собира и селектира отпад и кое во последните четири години обезбеди услуги за над 25.000 граѓани – тие не добиваат поддршка од институциите. РЕДИ Рециклажа, на пример, нема поддршка од државата, општините или политичките структури и мора да се справува со сопствени ресурси.
Ситуацијата стана уште поочигледна кога во април 2024 година, Општина Карпош одзела просторот за работа на ова социјално претпријатие без никаква најава, дијалог или алтернатива. Официјалното објаснување било дека ќе се лепат плочки. Ова не беше само грешка, туку сигнал дека дури и кога некој систем функционира, ако не е дел од сценариото, ќе биде игнориран.
Проблемот со зелената агенда во Македонија не е во недостатокот на идеи и планови, туку во недостатокот на системска поддршка и спроведување на истите. Локалните иницијативи и претпријатија не добиваат шанса да покажат резултати, додека големите европски фондови и проекти се привлекуваат само на хартија, без реална имплементација.