Честит празник, напатени лозари!

  • Фејсбук статус на Бошко Бошев, Левица – Сектор Земјоделие.

Св.Трифун кај нас познат како празник на лозарите и винарите! Ден на кој свечено се закројуват лозовите насади, но дали е свечен овој ден и за тие за кои се празнува – ЛОЗАРИТЕ!? 

Лозарството во последните 20 години е во слободен пад. Цените на грозјето не се променети 20 години, ами напротив бележиме и нивно намалување.Наспроти нив цените на репроматеријалите ѓубривата, заштитата, водниот надомест, гориво за земјоделската механизација, самата механизација и работната рака се зголемени за над 300%. Пред секои избори на лозарите им се ветува се и сешто за на крајот рацете да ги тријат откупувачите од големите винарски визби. Така и оваа година како и минатите празникот ќе биде искористен како уште едно РАНДЕВУ на политичката елита и власт.

Како по правило субвенциите (народните пари) ќе бидат пуштени пред овој празник со што ќе почне политичкиот куклен театар. На самиот празник сведоци сме на активностите на политичарите кои во функција на нивна промоција ќе се појават во лозарските региони пред одбрано друштво, заедно со партиските послушници и поддршка од некои „независни медиуми” за да ги закројат лозовите насади и ќе ни истурат еден куп ветувања со слатки зборови извадени од нивните политички торби.

Сето тоа на крајот од денот ќе биде засладено во некој добар ресторан далеку од очите на земјоделецот, се разбира со одбраното друштво. За нас лозарите ке помине уште 1 година во надеж, а рацете ќе ги трие повторно некој друг. Оваа политика на држење на една земјоделска гранка во клиничка смрт со цел да му се удоволи на мала група на луѓе не доведе до намалување на производството на грозје, застарување на лозовите насади, осиромашување на лозарот, одбивност на младите кон продолжување на традицијата  и нивно иселување од државата.

Сега младите наместо своите, ги работат лозјата во Италија или Словенија, а нашите ниви останаа запустени. Во целата оваа грда слика дел имаат и  политичките „Здруженија на лозари“ кои се формират под закрила на големите партии и служат за спроведување на нивните политички агенди. 

На крај да ги поздравам и тие што го празнуват Денот на љубовта, па кога наздравувате со таа боженствена течност сетете се на нас лозарите, затоа што државата и политичарите не заборавија!

Честит Св.Трифун на сите лозари,

Да се бориме за подобра иднина!