АктуелноЛокално

(Видео) Левица бара незастарливост за криминалот на функционерите

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција објави дека пратеничката група на Левица поднесува Предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, со кој се предлагаат драстични измени во казнената политика, особено во однос на застарувањето на кривични дела сторени од јавни функционери.

„Ова го правиме како коректив на она што во минатиот мандат претставуваше една од најсрамните страници за законодавната власт во Република Македонија – кога СДСМ и ДУИ со кворум од ДПМНЕ драстично ги намалија казните и роковите на застареност.“

Предлогот на Левица предвидува дуплирање на роковите на застареност за сите кривични дела, како и воведување на незастарливост за дела од економски криминал и злоупотреба на службената должност.

„Овие измени значат отпор кон интересите на корумпираната елита. Предлагаме делата поврзани со економски криминал и злоупотреба на службената положба да не застаруваат – бидејќи тоа е најголемиот проблем со кој се соочува нашето општество.“

Мециновиќ потсети и на конкретни последици од претходните измени, како на пример истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Гледаме како тоа драстично намалување на роковите сега влијае на истрагата за немилиот настан во Кочани – најмалку ќе бидат опфатени тие што треба да одговараат. Тоа е најгрубо легализирање на неказнивоста.“

Со овој предлог, Левица, според Мециновиќ, испраќа порака до сите привилегирани функционери и бизнисмени:

„Нема повеќе криење – законот ќе важи за сите. Очекуваме пратениците конечно да застанат на страната на правдата и граѓаните, а не на страната на олигархијата на која и самите ѝ припаѓаат.“

Левица истакнува дека измените не се техничка корекција, туку директен обид за удар врз корупцијата и неказнивоста.

Z P

Zvezdanka Pesikj