Несреќа на патот кон Волково – една година по раскопувањето, патот уште незавршен
Денеска, на патот од скопско Ново Село кон Волково се случи сообраќајна несреќа во која автомобил излета од коловозот и се преврте во приватен двор. Жителите на Волково алармираат дека патот е раскопан повеќе од година и половина, што го прави особено опасен за сообраќај.
„Сообраќајка денес во Волково, човекот излетал од патот, пошто година дена е крш ненаправен со дупки и скршил ограда, и на кров е превртен. Саат време немаше никој дојдено да ја преврти колата“, изјави жителка на Волково.
Патот беше раскопан поради изградба на атмосферска канализација од страна на Град Скопје. Иако градоначалничката Данела Арсовска најави решавање на долгогодишниот проблем, патот сè уште не е вратен во првобитна состојба. Жителите и возачите постојано укажуваат на опасностите, особено кога се разминуваат со поголеми возила, бидејќи патот станува тесен и небезбеден.



Засега не е позната состојбата на возачот и евентуалните патници во возилото. Причините за несреќата сè уште не се утврдени, но локалните жители бараат итна интервенција од надлежните институции за санација на патот и подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Овој инцидент повторно го отвора прашањето за одговорноста на локалните власти и потребата од навремено и квалитетно одржување на патната инфраструктура, со цел да се избегнат вакви трагични настани во иднина.