Време е за оставка – Љутков симни се од сцената, културното наследство не е твоја фирма
Кога министерот за култура и туризам Зоран Љутков изјави дека решението за напредокот на културното наследство лежи во давање на истиот на приватниот сектор за да “прави бизнис од него“, не беше само во заблуда – туку и во отворена навреда за сите кои го бранат јавниот интерес и историското паметење на оваа земја.
Културното наследство не е од дедо му, па да го дели по желба на своите сопартијци-бизнисменчиња. Оваа земја има доволно видено од “јавно-приватни партнерства” што значеле само едно – јавно разграбување и приватен профит. А сега сакаат истото да го сторат и со нашето заедничко, непроценливо културно наследство.
Љутков се повикува на недостиг на струја во Кокино за да оправда план за приватизација. Па зошто нема струја, министеру? Кој требаше да ја донесе? Токму министерството на кое му седиш на чело. Но, наместо да бара решение, Љутков бара изговор за да ги пушти приватните играчи да профитираат. Овој план не е модерна стратегија – ова е капитулација пред интересите на една алчна класа.
Со нешто што си читал и не дочитал и слушнал не дослушнал културна политика не се води. Треба визија, љубов, почит, и пред сè – интегритет. Ниедна од тие доблести не ја видовме кај Љутков, освен упорноста да се однесува како менаџер на фирма, а не како чувар на колективната меморија.
Скандалозно е и тоа што во предизборието ветуваше дека ќе го дигне статусот на културните работници, ќе ја дигне платата, ќе ја дигне грижата за институциите. А денес, по Велигден, не само што платата ја нема – туку и достоинството се топи.
Време е Зоран Љутков да си замине од министерската фотеља. Не затоа што немаме струја во Кокино, туку затоа што ни ја исклучи струјата на разумот, чувството за припадност и почитта кон историјата. Културното наследство не е бизнис – тоа е душата на народот. А таа не се продава.