Речиси сите функционери дома – во притвор останаа само телохранителите на дискотеката Пулс
Во држава каде што владеат корупцијата и партиската правда, трагедијата во „Пулс“ е живо сведоштво за систем што не функционира. Речиси сите функционери се дома — во притвор останаа само телохранителите. Кој е виновен за 62 животи? Тие? Или оние што со години гледаа накај другата страна?
Објектот во кој се случи трагедијата бил пуштен во употреба со серија сомнителни дозволи. Според документите до кои дојдовме, дискотеката функционирала со одобрение за деловен простор, издадено во мандатот на поранешниот градоначалник Љупчо Папазов. Технички прием потпишан од службеници во време кога Николчо Илијев ја водел општината. Надзорот, бил оставен во рацете на Државниот инспекторат за труд и на Дирекцијата за заштита и спасување, институции кои под раководство на кадри блиски до власта, редовно „не забележувале“ прекршувања.
„Детето ми изгоре во кафез без излез“, изјави една од мајките на настраданите млади. „Сите се дома, само сиромашните се во затвор. Зарем тоа е правдата што ни ја нудат?“
Актуелни функционери под истрага – речиси и да нема. Оставки – нула. Самокритика – уште помалку. Наместо тоа, владата се крие зад мртви букви од закони што никој не ги спроведува, и зад медиумска кампања што ја пере вистинската вина: институционалната.
Министерот за внатрешни работи, кој има директна одговорност за надзорот над јавната безбедност, не само што не даде оставка, туку молчи. Премиерот – исто. Ниедна од клучните институции не презеде одговорност, иако трагедијата е производ токму на нивното недејствување.
Ова не е истрага – ова е операција за спас на функционерите. И не е првпат. Во 2021 година, 14 лица изгореа во тетовската модуларна болница. Никој не одговараше. Истото сценарио се повторува. Системот не учи – тој само се брани себеси.
Но јавноста нема да молчи време е за пад на системот кој убива преку својата негрижа.