АктуелноЛокално

Паушални сметки, реална алчност – ЕВН повторно против граѓаните

  • Новиот Закон за енергетика легализира „паушални“ сметки: Инженерите алармираат – штета по граѓаните, профит за компаниите

Здружението Инженери на Република Македонија (ИНРМ) упати остар апел до пратениците и Министерството за економија да интервенираат во контроверзните одредби од новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април влегува во собраниска процедура. Според ИНРМ, предложените измени озаконуваат пракса на паушално фактурирање на електрична енергија, што е на директна штета на граѓаните и нивниот семеен буџет.

Во фокусот на критиките се одредбите од Глава VIII од законот, иронично насловена „Заштита на потрошувачите“, каде со член 185, став 2 и став 4, точка 2, се дозволува издавање на фактури врз основа на проценета, а не реално измерена потрошувачка.

„Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет“, се вели во реакцијата на ИНРМ.

Проблемот со проценетото фактурирање стана особено изразен по 1 јули 2022, кога беа воведени ценовните блокови за електрична енергија. Поради нередовно читање на броилата, потрошувачите често се распределуваат во погрешни блокови, што директно води до повисоки сметки.

  • Според пресметките на ИНРМ, само ±10% грешка во проценката може да предизвика разлика во наплата до 8.000 денари годишно по домаќинство. Во Македонија постојат 598.632 домаќинства, а ЕВН располага со 915.492 броила, што значи дека потенцијалната штета за граѓаните може да достигне милионски износи во корист на енергетските компании.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што Владата го предлага законот со европско знаменце, повикувајќи се на директивата CELEX: 32019L0944. Меѓутоа, според ИНРМ, оваа директива никаде не дозволува фактурирање врз основа на претпоставена потрошувачка.

Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) веќе потврди дека постојната пракса со проценки носи штета за потрошувачите и започна процес на измена на Правилата за снабдување со електрична енергија. Но Владата, со новиот закон, тргнува во спротивна насока, велат инженерите.

ИНРМ бара пратениците со амандмани да ги отфрлат проблематичните делови од законот, и тоа:

  • Бришење на став 2 од член 185
  • Отстранување на вториот дел од реченицата во ставот 4, точка 2 од истиот член

Тие порачуваат дека фактурирањето мора да биде фер, прецизно и транспарентно, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка, а не на пресметки и алгоритми што го ставаат интересот на компаниите пред оној на граѓаните.

Z P

Zvezdanka Pesikj