(Фото) Оровчанец Спироска: Повторно ќе тргуваат со историјата – ДПМНЕ го рециклира предлогот за распродажба на културното наследство
Реакцијата на Елена Оровчанец Спироска, го отвора прашањето за опасниот континуитет на идеите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на третманот на културното наследство. Повод е последната изјава на министерот за култура Зоран Љутков, кој најави законски измени со кои ќе се овозможи културното наследство да биде управувано – и експлоатирано – од приватни субјекти.
Спироска укажува дека оваа идеја не е новост, уште во 2000 година, владата на Љубчо Георгиевски прифати предлог на тогашниот министер за финансии Никола Груевски, со кој државата ќе склучува договори со дивокопачи, делeјќи 70% од профитот од археолошките ископувања за државата, а 30% за истражувачите. Само поради притисокот на стручната јавност, овој предлог-закон никогаш не стигна до Собранието.
„Нашето културно наследство конечно ќе мора да го презентираме, затоа што 30 години наназад имаме истурање пари во културното наследство, но никогаш не може да му го видиме комплетниот лик. Затоа ние денес разговараме за законски измени да може да се отвори структурата како владини институции нашето културно наследство да го дадеме на приватниот сектор за да може да прави бизнис од него“, Љутков, министер за култура.
И ова не е ништо ново од ДПМНЕ. Уште во 2000 година, владата на Љупчо сега Љубчо Георгиевски, на предлог на Никола Груевски, тогаш министер за финансии, усвои предлог закон државата да склучува договори со група граѓани, читај дивокопачи за ископување на национално богатство и ќарот од ископувањата да се дели 70% за државата и 30% за приватните истражувачи. За среќа овој предлог закон иако беше усвоен од владата никогаш не стигна во Собрание на гласање. Тогаш стручната јавност беше гласноговорник и победи.
25 години подоцна, повторно ДПМНЕ сака да го распродава националното богатство.
Ништо ново. Прашањето е, дали има денес кој да ги сопре?
Во продолжение извадоци од интервју што го правев пред точно 25 години со Кирил Трајковски, археолог, на оваа тема, а објавено во саботно-неделно издание (18-19 ноември 2000) на дневниот весник Вест. На интервјуто му претходеше текст насловен Државата ќе дила со дивокопачите 30 – 70%.“
Денес, по речиси 25 години, истата политичка матрица се обидува да ја легализира комодификацијата на културното наследство, но со уште пошироки и поопасни размери.
Оровчанец, која тогаш го документираше случајот преку интервју со археологот Кирил Трајковски, потсетува дека јавниот отпор успеа да го спречи тој обид. Прашањето сега е дали има доволно јавна свест, институционален морал и професионална храброст за повторно да се спречи претворањето на културното наследство во бизнис за малкумина, наместо заедничко добро за сите. Дали државата ќе биде чувар или трговец на историската меморија – зависи од отпорот што ќе го понудиме денес.



