Симонов: Авто-такси превозот во Свети Николе со години целосно нерегулиран
Советникот во Советот на Општина Свети Николе и член на Президиумот на Левица, Александар Симонов, на последната седница укажа на деценискиот институционален пропуст во регулирањето на авто-такси превозот во општината.
„И покрај законската обврска, Општина Свети Николе последен пат има донесено одлука за утврдување на тарифа за такси-услуги во 2011 година. Од тогаш, оваа дејност е целосно запоставена, а последниве две години има само една до две издадени лиценци, иако такси-превозот се извршува секојдневно“, изјави Симонов.
Според него, ваквата состојба не само што ги доведува превозниците во незавидна правна позиција, туку и ги отвора вратите за нелегален такси превоз, кој не подлежи на никаква контрола. Тој истакна и дека при последното определување на тарифите, легитимните таксисти биле целосно изземени од процесот на консултација, по што Левица реагирала и било донесено компромисно решение.
Симонов побара и конкретни мерки за поддршка на лиценцираните таксисти, меѓу кои се вклучени доделување паркинг места и формирање на такси постојки на клучни локации низ градот – како пред поголемите маркети, јавните институции, здравствените установи и други фреквентни точки.
„Ги повикуваме сите превозници да започнат со регулирање на својата дејност и апелираме до инспекциските служби да постапат против т.н. диви таксисти. Левица останува отворена за соработка со сите засегнати страни, со цел конечно воспоставување на ред и фер услови за сите учесници во авто-такси превозот“, порача Симонов.
Целото негово излагање во продолжение: