Од училница до инспекциска контрола – како се губи авторитетот на наставникот
Наставничка од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје се соочува со сериозни притисоци, поради поништен тест на сите ученици поради препишување. Според информации што пристигнале до редакцијата, еден од учениците одбил да ја потврди својата оценка преку усно испрашување, а подоцна упатувал и навреди кон професорката, алудирајќи дека нејзината диплома e „невалидна“ доколку неговиот тест биде поништен и се заканувал на наставничката дека ќе се јавел на некој со повисока функција.
Премногу често родителите на учениците, користејќи лични контакти, испраќаат претставки до Министерството за образование и наука (МОН) и до Државниот просветен инспекторат (ДПИ), со цел да се изврши притисок врз наставниот кадар и да се влијае врз оценувањето.
Случајот отвора прашања за злоупотреба на механизмите за преставка и за недостигот на соодветна институционална заштита на наставниот кадар. Наставничката укажува дека инспекторите кои доаѓаат на увид најчесто го земаат предвид само исказот на родителот, без да се сослуша и страната на наставникот.
„Не е доволно само да се изрече укор од класен раководител за вакви случаи“, посочува наставничката, која инсистира на системски решенија за подобра заштита на професорите и авторитетот на наставниот кадар. Таа смета дека недисциплината и непочитувањето на авторитетите во образованието се последица и на негативниот пример кој учениците го добиваат од однесувањето на дел од родителите и од самите случувања во државата.
„Образованието е темел на секоја држава. Ако не се воведе ред и не се почитуваат правилата, градиме општество во кое се наградува непочитувањето“, додава таа.
Апелот од просветните работници е јасен – потребни се конкретни мерки од надлежните институции за заштита на наставниците, особено во ситуации кога тие се изложени на вербални напади, притисоци и обиди за влијание врз нивната работа.
Од МОН засега нема официјален став по однос на конкретниот случај, но наставниците апелираат на итна реакција и преразгледување на протоколите за постапување во случаи кога наставници се жртви на притисоци и закани.