Што после последната ескалација на Косово?

Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Додека светското внимание е свртено кон Украина и Тајван, се вжештуваат страстите и емоциите и на Балканот. Интересни процеси и изјави се случуваат на Балканот, кои што можат да го подкопаат кревкиот мир и да доведат до дестабилизација во наредниот период. Приштина е решена да го стави под контрола северот на Косово, Белград подготвува одговор и отпор, и над Балканот повторно се надвиснуваат темни облаци.

Постои таква традиција – еднаш годишно да ескалира ситуацијата на Косово и светот моментално се сеќава на постоењето на Косово и на замрзнатиот конфликт, којшто се заканува да се активира повторно скоро секоја година. Како и овие денови, така беше во 2021 и 2019 година, а претходно во 2018 и 2015 година, а уште порано во 2012, 2008 и 2004 година. Но, поминуваат неколку недели, ситуацијата се стабилизира и сите среќно издишуваат, заборавајќи на Косово до следната година и ескалација. Дали ќе биде така и овој пат останува да видиме.

Приштина е решена да оди чекор по чекор кон ставање на северот на Косово каде што живеат Србите под своја контрола, и негова интеграција во косовските институции. Причина за последната ескалација беше одлуката на Приштина дека „документите издадени од Министерството за внатрешни работи на Србија престануваат да важат и да функционираат на територијата на Косово. Истовремено, ќе започнат нови правила за влез на коли со српски регистарски броеви на територијата на Косово.“ Но оперативната реакција и мобилизација на косовските Срби, создавањето на барикади, како и изјавите од Белград дека е спремен да употреби воена сила, ја оневозможија Приштина да го спроведе својот план.

Страстите се вжештуваа ноќта 31-ви јули и се очекуваше ескалација, но ситуацијата времено ја смири Амбасадорот на САД во Косово. Американскиот Амбасадор во Косово, Џефри Ховенје доцна во ноќта се сретна со премиерот и претседателот на Косово, Курти и Османи, и ги принуди да го одложат спроведувањето на новите правила за еден месец. Точно во тој момент тензијата се смири на територијата на Косово. Специјалната единица РОСА се повлече од северот на Косово, силите на КФОР, кои беа ставени во состојба на готовност, почнаа да се враќаат во местата на постојано распоредување.

Клучна улога во смирувањето на ескалацијата имаше КФОР, чиј командант, кога на Србите им беше најтешко и ситуацијата беше пред ескалација, отиде кај министерот за внатрешни работи во Приштина и му рече дека КФОР по секоја цена ќе го спречи конфликтот. Тој најави дека војниците на КФОР ќе застанат пред локалните Срби и дека ќе ги оневозможат косовските специјални сили да го спроведат планот на Приштина.

Но Белград и Приштина знаат дека тоа е затишје пред бура. И двете страни се подготвуваат за претстојната ескалација во септември. Србија води активна дипломатија, се со цел да му докаже на Западот за погубната политика која што ја води Курти, која што може да го дестабилизира Балканот. Од друга страна, Курти се надева дека ќе го убеди Западот, а пред се Вашингтон, да му дадат одврзани раце да го стави северот на Косово под контрола на Приштина.

Но за Косовското прашање во моментов не постои воено и дипломатско решение. Како и после секоја ескалација, ЕУ ги повика Белград и Приштина на преговори во Брисел. Но тоа ќе бидат уште едни во низата преговори во Брисел без реален и конкретен резултат. Причината за тоа е што Брисел нема никакво влијание врз Приштина. Клучно влијание врз Приштина има Вашингтон, и прашање е дали во моментов Вашингтон е заинтерасиран за решавање на Косовското прашање, а притоа да бидат задоволни и Белград и Приштина. САД можат да го користат Косовското прашање ефикасно за да вршат постојан притисок врз српскиот претседател Александар Вучиќ да му се придружи на Западот во санкциите против Москва, и да се откаже од соработката со Русија и со НР Кина.

Војната во Украина, за жал ќе биде катализатор за повторно активирање на некои замрзнати конфликти на Балканот, а тоа се гледа во изјавите и потезите на некои од клучните фигури на Западен Балкан. Балканот го очекува турбулентен период.