Календарска исхрана: Јади кога ќе ти каже Министерот – Нова сезонска кошничка, стара децениска сиромаштија
Во нов обид да ја „модернизира“ реалноста, Министерството за земјоделство реши да воведе револуционерна новина – граѓаните да јадат овошје и зеленчук… по календар. Да, добро прочитавте! Овошјето ќе биде сезонско – ама не по џебот на граѓанинот, туку по табелата на Министерството.
Министерот Цветан Трипуновски гордо најави дека од сега, во потрошувачката кошничка ќе влегуваат производи по распоред, според тоа кога „доспеваат“. А ако не доспеваат? Па, тогаш, граѓаните ќе доспеваат…
„МЗШВ направи Календар за овошје и зеленчук кој е доставен до Министерството за економија“ – информираше Трипуновски со сериозност како да објавува национален буџет, а не сезонски лист со домати и краставици.
Со ова, државата практично призна дека наместо да се бори со инфлацијата и растот на цените, таа ќе ни каже што да јадеме и кога. Бонус? Ако некоја култура „заглави“ во мраз, ќе се формира комисија. Од таму, до компирот на маса има уште три потписи, печат и можеби – ако сте среќни – бугарски компир со македонски баркод.
Секако, целата оваа фарса е претставена како „реалистична и фер“ пресметка на животните трошоци. А всушност, кошничката никогаш не била поиспразнета – ниту буквално, ниту симболично.
Можеби следниот чекор е – воздухот да се воведе како ставка во кошничката, со оглед на тоа дека е единственото нешто што сè уште не се наплаќа и доаѓа… сезонски, во зависност од загаденоста.
Добредојдовте во новата нормалност – еден календар, една кошничка, едно јаболко…