(Видео) Апасиев: Време е „неодѕивање на парламентарна покана“ да стане кривично дело
На денешната презентација на годишниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пратеникот и претседател на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, во својство на претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, упати остри, но конструктивни критики на сметка на институционалната (не)координација и слабостите во системот за заштита на човековите права.
Апасиев предупреди дека сериозен проблем претставува праксата јавни функционери да одбиваат повици од страна на Парламентот, особено од тела како што е Анкетната комисија, што, како што рече, претставува непочитување на законодавната власт и удар врз уставниот поредок.
„Време е да се инкриминира ‘неодѕивањето на парламентарна покана’ од страна на јавен функционер, како ново кривично дело,“ изјави Апасиев, посочувајќи дека таквото однесување мора да биде санкционирано за да се заштити интегритетот на институциите.
Во своето обраќање, тој истакна и бројни преклопувања на надлежности меѓу институциите и недоволната ефикасност во борбата против дискриминација, што според него, резултира со нефункционален систем на заштита.
„Имаме бона фиде пристап – искрен, чесен и со добра волја, и како опозиција и како институција. Време е да воспоставиме нова политичка култура,“ порача Апасиев, додавајќи дека само со заемна одговорност и меѓуинституционална соработка може да се гарантира почитување на основните човекови права.
Со оваа иницијатива, Левица најавува нова заложба за засилување на институционалната отчетност и воспоставување на поцврста правна рамка која ќе обезбеди функционалност и респект кон законодавната власт.
Целото негово обраќање на видеото подолу: