АктуелноЛокално

ССМ повикува на масовен работнички протест на 1 Мај: „Да се слушне гласот на работниците!“

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги повикува сите работници, синдикални организации и граѓани кои ја поддржуваат работничката борба, да се приклучат на голем работнички протест на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот. Протестот ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом во Скопје, од каде што поворката ќе се упати кон Собранието, Стопанската комора и Владата.

Од ССМ велат дека работничкото движење во Македонија се соочува со сериозни предизвици, пред сè поради, како што посочуваат, негрижата на креаторите на политиките за работничките права и услови. Во повикот се посочува дека додека платите на функционерите се зголемени за 79%, дел од вработените во јавниот сектор сè уште не ги добиле договорените покачувања согласно Општиот колективен договор.

„Работниците денес се соочуваат со егзистенцијален притисок – трошоците за живот растат, а платите остануваат ниски. Наместо подобрување, гледаме грижа само за политичките елити и нивните привилегии,“ порачуваат од ССМ.

На протестот ќе бидат упатени следните барања:

  • Зголемување на минималната плата на 500 евра
  • Зголемување на останатите плати за 100 евра
  • Зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 12,6%, согласно Општиот колективен договор

ССМ апелира сите кои се борат за достоинствен труд и правичен стандард да излезат на улица и гласно да ги искажат своите барања. Протестот, како што велат, е шанса за заедничка борба против социјалната и економска неправда.