АктуелноЛокално

Полицаец осомничен за трагичниот пожар во „Пулс“ во бегство – шест лица уапсени, тројца веќе во притвор

Еден од осомничените поранешни полициски службеници за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани е во бегство, потврдија денеска официјално од Министерството за внатрешни работи (МВР). Според информациите, шестмина од пријавените се веќе лишени од слобода, по едно лице се трага, а тројца од осомничените веќе се наоѓаат во притвор по други основи.

Истрагата, што ја води Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, се однесува на десет лица – сите поранешни или активни полициски службеници, кои се сомничат дека со своите дејствија и пропусти овозможиле објектот „Пулс“ да добие лиценца, иако не ги исполнувал законските услови за безбедност, со што директно се довел во опасност животот на посетителите.

Трагедијата во „Пулс“

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, при што животот го загубија 61 лице. Истрагата утврди дека повеќе службени лица со полициски овластувања во периодот од 2012 до 2022 година потпишувале документи, изготвувале телеграми и давале согласности за издавање лиценца, без да извршат потребни проверки во делот на јавниот ред, безбедноста на објектот и сообраќајната регулација.

Осомничени со високи полициски функции

Меѓу осомничените се поранешни началници, инспектори и командири во СВР Штип и ПС ОН Кочани, кои според МВР, постапувале спротивно на Законот за угостителска дејност и Кривичниот законик. Првопријавениот П.С., како тогашен помошник началник во СВР Штип, уште во 2012 година потпишал акт со кој дал согласност за издавање лиценца на „Пулс“, без исполнети услови за заштита од пожари и опасни материи.

Исто така, во следните години други службени лица поднесувале неточни или непоткрепени мислења, со кои се прикривале реалните безбедносни состојби во и околу дискотеката – особено нарушувањата на јавниот ред и пријавените кривични дела.

Кривични дела и правна одговорност

Против десетте лица е поднесена кривична пријава за „тешки дела против општата сигурност“, во врска со „предизвикување општа опасност“. Со своите дејствија, според обвинението, тие придонеле да се издаде лиценца за угостителска дејност, со што директно ја загрозиле безбедноста на луѓето на место каде што се собирале масовно.

МВР и Обвинителството продолжуваат со истражните дејствија, а идентификацијата и апсењето на бегалецот е приоритет, велат надлежните институции.