АктуелноЛокално

Пијанманов: Исчезна уште едно уметничко дело во Скопје – Бронзениот релјеф на Насо Беќаровски отстранет од центарот на градот

Скопје, некогашен симбол на културна виталност, денес повторно сведочи на губење на дел од своето уметничко и културно наследство. Бронзениот релјеф на уметникот Насо Беќаровски, поставен во непосредна близина на Собранието, исчезна од својата локација, а според неофицијални информации, завршил на депонија за старо железо.

На ова реагираше уметникот Никола Пијанманов, кој преку својата објава на Фејсбук упати остри критики на негрижата за јавната уметност и културното наследство:

„Не постои метропола во светот (која не е во војна) што ги губи толку лесно културните и уметничките кодови“, напиша Пијанманов, алармирајќи за сè почестото исчезнување на дела кои ја градат колективната меморија на градот.

Во својата објава, Пијанманов потсети и на анегдота поврзана со споменикот на Децата бегалци, дело исто така на Беќаровски. Според поетот Михаил Ренџов, вајарот бил толку емоционално и физички вложен во создавањето на ова дело, што на крај изјавил: „Мислам дека остарев 50 години додека ја работев оваа скулптура.“

Исчезнувањето на вакви значајни уметнички дела отвора сериозни прашања за односот на институциите и јавноста кон културното наследство, особено кога станува збор за дела со длабока симболика и историска тежина. Уметничката заедница апелира за итна ревизија на третманот на јавната уметност и поголема институционална грижа за зачувување на вредностите што го обликуваат културниот идентитет на градот и на државата.

Целата негова објава на Фејсбук на линкот подолу: