Левица: Просветните работници сè уште без мартовска плата
Секторот за образование на партијата Левица упати силна критика до Министерството за образование и наука поради доцнењето на платите за просветните работници за месец март, укажувајќи на системска деградација на нивниот статус и социјална положба.
Од партијата алармираат дека просветните работници, кои и онака добиваат плати далеку под просечната плата во државата, до денес – речиси недела дена по законскиот рок – сè уште не ја добиле својата мартовска плата.
„Вработените во образованието добиваат плата што се пресметува на основа на најниска плата од 15.250 денари, дефинирана специјално за просветниот сектор – а не на основа на законскиот минимум што важи за сите во државата,“ се вели во соопштението. Според Левица, ова е резултат на штетна спогодба меѓу Министерството за образование и „жолтиот синдикат“ СОНК, која ги заковала најслабо платените работници во образованието на самото дно.
Како илустрација, Левица наведува дека хигиеничарка во училиште со 10 години работен стаж добива плата од 25.597 денари, додека по 30 години работа – едвај 28.035 денари. Дополнително, токму овие вработени нема да го добијат најавеното 7% зголемување на платите, бидејќи нивната плата не се мери со реалната најниска плата во државата.
Во меѓувреме, министерката за образование Јаневска најавува реформи, но од Левица велат дека реформи не се прават со „полугладни просветни работници“.
„Не може наставници со искинати чорапи и скршено достоинство да спроведуваат нови методи на работа. Наставничките факултети зјаат празни или ги запишуваат најслабите ученици. Без квалитетни наставници нема квалитетно образование, а без образование – нема ниту иднина,“ предупредуваат од Левица.
Партијата бара итна исплата на заостанатите плати и сериозен пристап кон подобрување на платите и статусот на просветните работници, како предуслов за вистинска реформа во образовниот систем.
Целото сооштение на Секторот образованиа на партијата во продолжение: