Локално

Димитриев: Владата на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ нè води во економски пропаст

  • Став на Марјан Димитриев раководител на Сектор Финансии во политичката партија Левица:

Неодамнешната одлука на САД за воведување царини од 33% на македонските производи претставува директен удар врз нашата економија, но вистинската трагедија е што Владата предводена од ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ не прави ништо за да се справи со оваа ситуација. Наместо да превземат одговорност и преку алатки кои што им стојат на располагање да влијаат на настаната ситуација, тие продолжуваат со истите пропаднати економски политики, оставајќи ја земјата во неможност да се справи со новите глобални предизвици.

Политиката на Трамп за воведување царини претставува двоен удар за нашата економија. Првиот е директниот удар кон нашата трговска размена со САД кој во 2024 година изнесува 195,9 милиони долари увоз и извоз од 118,2 милиони долари. Гледано во вкупната надворешно трговска размена учеството на трговската размена со САД е околу 1,5%.

Вториот индиректен удар за нашата економија е што Македонија извезува над 60% од своите производи во Европската Унија, а земјите членки на ЕУ се најдоа исто така под зголемени царини од САД со што би имало домино ефект за нашите компании. Европските компании (особено Германија) ќе ги намалат нарачките од македонските добавувачи бидејќи нивните производи ќе се продаваат со поголема цена на американскиот пазар а тоа ќе ја намали побарувачката за истите.

Според еконмските аналзи и модели на пресеметка ова може да се одрази со намалување на растот на БДП на Македонија од 0,5 – 1% што е еднакво на катастрофа за економија што веќе тешко дише. Дополнително, во услови на очигледно намален извоз, една од работите на која Владата може директно да влијае е реализацијата на капиталните инвестции. За жал, од предвидените и помпезно најавувани 830 милиони евра капитални инвестиции, заклучно со првиот квартал, реализирани се околу 70 милиони евра, што изнесува само 8,5% за три месеци. Ова е економскиот бум на Владата на Мицкоски. 

Решенија постојат, но, недостасува волја:

  • Потребно е да се стави крај на моделот на евтина работна сила. Време е за инвестиции во технологијата и висока додадена вредност, а не фабрики за експлоатација;
  • Диверзификација на пазарите. Трговски договори со Русија, Кина и Блискиот Исток;
  • Укинување на поволностите на странските директни инвестиции;
  • Одредување на стратешки индустрии и поддршка на домашни компании за извоз.

Оваа Влада нема план, нема стратегија. нема волја. Доколку продолжиме по овој пат, зависноста од ЕУ, економскиот колонијализам од странските инвеститори, нереализацијата на капиталните инвестиции, царините на САД ќе бидат само почеток на длабока криза која следува.

Народот заслужува поодобро. Време е за радикална промена на економскиот модел или ќе бидеме осудени на пропаст.