Скандал во Битола: Јавно земјиште за приватна зделка – општината се откажува од хотел со 12 спрата за да му угоди на Кеопс и Коњановски
Во срцето на Битола се случува урбанистички грабеж на векот – јавно земјиште со потенцијал за хотел со 12 ката и десетици илјади евра приход за општината, се претвора… во обичен паркинг!
Да, прочитавте правилно – местото каде што требаше да никне модерен хотел, според сите урбанистички планови, се трансформира во „простор за неколку реда возила“. А зад целата оваа фарса стојат добро познатите имиња: КЕОПС ДООЕЛ, и градоначалникот Тони Коњановски со поддршка од советничкото мнозинство.
Наместо инвестиција која ќе донесе живот, туризам и работа, општината доброволно се откажува од проектиран објект кој требаше да донесе најмалку 96.000 евра во буџетот само од комуналии. А причината? Приватен профит под маска на јавен интерес.
Според информациите, КЕОПС заедно со градоначалникот Тони Коњановски вршеле директен притисок врз општинската администрација, а ЛИДЛ се користи како параван за да се оправда урбанистичката манипулација. Иако Генералниот и моменталниот Детален урбанистички план предвидуваат хотел, новиот ДУП – магично! – го брише хотелот и внесува паркинг.
Овој скандал не е урбанистичка интервенција. Ова е урбанистичко предавство. И тоа направено без трошка срам. За чии интереси работи Општина Битола?
Граѓаните имаат право да прашаат: Зошто ЛИДЛ дозволува неговиот бренд да биде користен за урбанистички трикови? Ако навистина сака да биде сојузник на заедницата – нека инсистира на почитување на плановите, а не на нивно кршење!