АктуелноЛокално

Апасиев: Тошковски не ја разбира моралната одговорност по трагедијата во Кочани

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, остро го нападна министерот за внатрешни работи по трагедијата во Кочани, во која животот го загубија над 60 лица, а над 200 биле повредени. Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи сноси директна одговорност за настанот, критикувајќи го министерот дека нема ни намера да ја сфати тежината на моралната одговорност.

„Досега, при секоја голема трагедија, актуелните министри поднесуваа оставки – кои потоа премиерите не ги прифаќаа. Но барем постоеше обид за преземање одговорност. Сега имаме министер со образ ѓон, познат и како ‘адвокат на урбаната мафија’, кој очигледно е одлучен да ја заташка истрагата и да ги заштити своите“, напиша Апасиев на својот профил на Фејсбук.

Апасиев го обвини министерот дека дејствува како „послушник на премиерот“, со единствена цел „ниеден актуелен функционер од ВМРО-ДПМНЕ да не биде повикан на одговорност“. Тој истакна дека Левица веќе поднела интерпелација за министерот и најави жестока расправа на пленарната седница во Собранието.

„Ќе се соочиме машки во парламентот – моралната и политичката одговорност не смее да биде избегната“, порачува Апасиев.

Во меѓувреме сè уште нема официјална реакција по обвинувањата, единствен коментар за најавената интерпелација беше од самиот Тошковски кој на Фејсбук се пожали дека се превела алијанса против него и порача дека нема намера да си даде оставка, бидејќи не чувствувал морална одговорност за трагедијата во Кочани. Случајот во Кочани продолжува да ја бранува јавноста, а барањата за оставки и одговорност добиваат сè поголем замав.

Целата објава на Фејсбук од Димитар Апасиев во продолжение: