АктуелноЛокално

Црвена младина: Студентите остануваат без ветената поддршка – Владата ја манипулира младината

Шест месеци по најавата за ваучери за електронски уреди, студентите во Македонија сè уште не добиле ни денар од ветената поддршка. Иако Владата најави дека ќе им додели 250 евра на сите студенти во октомври 2024 година, денес, сред летниот семестар, нема ни постапка, ни рокови, ни какви било конкретни информации. Ветувањата останаа само празни зборови, додека студентите се оставени на чекање.

„Јасно беше најавено, но реализацијата е нула. Ова е класичен пример на политичка манипулација со младите. Иако парите се предвидени во Буџетот, институциите молчат, а студентите остануваат без поддршка. Сè покажува дека ваучерите се чуваат во фиока сè до пред избори, како евтин предизборен поткуп“, се вели во реакцијата на Црвена младина.

Од организацијата нагласуваат дека студентите не смеат да бидат инструментализирани во партиските игри, и дека нивната доверба не е за продажба.

„Нивната иднина не смее да зависи од политички калкулации и манипулации. Младите заслужуваат одговорна и чесна политика која ќе ги поддржи во нивните образовни и професионални амбиции“, додаваат од Црвена младина.

Организацијата бара од Владата итно да објави конкретни рокови и постапки за доделување на ваучерите, како и да ги вклучи студентските претставници во целиот процес.

„Младите не се бројки за статистика, туку луѓе кои имаат потреба од реална поддршка и перспективи“, стои во нивната реакција.

Z P

Zvezdanka Pesikj