(Видео) Мециновиќ: Левица бара крај на коцкарската култура: „Државата не смее да молчи“
Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, во своето гостување во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“, остро го критикуваше растечкото присуство на казина и обложувалници низ државата, укажувајќи дека тоа не претставува никаков општествен интерес, туку напротив – сериозна закана по младите генерации и социјалната стабилност.
„Зарем е општествен интерес да имаме казина на секој ќош? Зарем е општествен интерес да имаме култура на коцкање, на расипништво?“, праша Мециновиќ, осврнувајќи се на алармантниот тренд на се поголем број коцкарници во урбаните средини.
Особено загрижувачки, според него, е влијанието врз тинејџерите и младите, кои се во најсензитивниот период од своето психолошко и емоционално созревање.
„Тинејџерите се во фаза каде што најмногу ризикуваат, каде што не можат реално да проценат. Поради самата природа на развојот на човекот, тие се најпогодени од оваа агресивна промоција на коцкањето,“ истакна Мециновиќ.
Тој порача дека државата има обврска не само да го регулира пазарот на игрите на среќа, туку и активно да го заштити граѓанинот, дури и од неговите сопствени импулси.
„Државата има обврска да го заштити граѓанинот и сам од себе,“ потенцираше Мециновиќ, апелирајќи за посериозна стратегија и законски реформи што ќе го ограничат ширењето на коцкарската индустрија во Македонија.
Ставовите на Левица, како што најави пратеникот, ќе бидат преточени и во конкретни предлог-закони за заострување на регулативата во оваа област, со цел да се стави крај на, како што рече, „институционализираното поттикнување на зависност и беда“.
Целосната негова изјава на видеото подолу: