Лажни инспектори измамуваат постари лица со приказни за сообраќајки
Нов бран телефонски измами, вчера беа пријавени два случаи во кои постари жени станале жртви на измама со лажна приказна за сообраќајна несреќа во која наводно учествувале нивни блиски.
Во првиот случај, 86-годишна скопјанка во 16 часот пријавила во СВР Скопје дека е измамена за сума од околу 112.000 денари. Таа добила телефонски повик од лице што се претставило како полициски инспектор и ѝ соопштило дека нејзината ќерка прегазила дете-мигрант кое починало. Лажниот „инспектор“ ѝ рекол дека за да не оди нејзината ќерка во затвор, мора веднаш да плати. Жената, исплашена и шокирана, парите што ги имала ги ставила во кеса и, по инструкција на измамникот, ги фрлила од балконот.
Само два часа подоцна, во 18 часот, 74-годишна жена од Скопје пријавила сличен случај. Таа добила повик од маж кој ѝ кажал дека нејзиниот син и снаа предизвикале сообраќајна несреќа во која прегазиле дете–мигрант. И во овој случај, за да не завршат во затвор, морала итно да предаде пари. Жената, поверувајќи во приказната, оставила 2.000 евра на договорено место. Подоцна, кога се вратила дома и го видела синот, сфатила дека е измамена.
Полицијата работи на расчистување на случаите и повторно апелира до граѓаните, особено до повозрасните, да бидат исклучително внимателни со телефонски повици од непознати лица што се претставуваат како полициски службеници или медицински лица. Во ниту еден случај полицијата не бара пари од граѓани, ниту пак на таков начин се решаваат сообраќајни несреќи.