АктуелноЛокално

Нов инцидент во велешко училиште – Физичка пресметка меѓу вработени во основно училиште

Нов инцидент во образовна установа во Велес, каде тројца вработени од основно училиште вчера биле инволвирани во физичка пресметка за време на работниот ден. Случајот го потврди Секторот за внатрешни работи Велес.

Според полицискиот извештај, на 11 април било пријавено дека 51-годишната Р.Т. од Велес најпрво физички ја нападнала 60-годишната С.А., а потоа ја нападнала и 49-годишната Ф.С., и двете исто така од Велес. По целосно документирање на случајот, против Р.Т. ќе бидат поднесени соодветни пријави. Мотивите за нападот засега не се официјално познати.

Овој инцидент следува само неколку дена по пријавата за вербалното и психолошко малтретирање на професорка во едно средно училиште во Велес, од страна на ученици и колеги. И двата настана отвораат сериозни прашања за внатрешната клима во велешките образовни институции, кои наместо да бидат средини на знаење, соработка и личен развој, сè повеќе личат на простори исполнети со тензии, конфликти и нетрпеливост.

Особено загрижувачко е тоа што дел од овие тензии, според информации од самите наставници, се продлабочени поради вработувања и кадровски решенија базирани на политичка припадност наместо стручност и педагошки капацитет. Кога училиштето станува продолжена рака на партиски влијанија, се губи авторитетот на професијата, а со тоа и почитта помеѓу колеги, како и меѓу ученици и наставници.

Двата случаи – инцидентот меѓу вработените и малтретирањето на професорката – укажуваат дека во велешките училишта е неопходна сериозна интервенција: подобра кадровска политика, етички кодекси кои ќе се почитуваат, психолошка поддршка и јасни механизми за санкционирање на непрофесионално и агресивно однесување, без разлика од каде доаѓа.

Велес има богата просветна традиција, но ваквите случаи сè повеќе ја еродираат довербата на јавноста во образовниот систем. Време е надлежните институции да преземат одговорност и да вратат достоинството во училиштата.

Z P

Zvezdanka Pesikj