Свечено отворање на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025“ со дефиле и концерт на Националниот џез оркестар
Општина Гевгелија со Концерт на Националниот џез оркестар ќе го одбележи свеченото отворање на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Денес (11 април 2025 година), на Градскиот плоштад во Гевгелија, најпрво ќе биде одржано дефиле, во коешто ќе учествуваат на стотина дечиња вклучени во активностите од областа на културата што се реализираат во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија- Драмската секција, Ликовната секција, Секциите за тапан и гитара, членовите на Детскиот фестивал „Калинка“, Ансамблот „Бојмија“ и Танцовото студио „Мистик“. Дефилето ќе започне од ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, во 18:30 часот, со движење кон Градскиот плоштад. Поради што улиците „7 Ноември“ и „Гевгелиски партизански одреди“ ќе бидат под привремен сообраќаен режим сè до пристигнувањето на крајната дестинација- Стариот градски пазар.
Потоа, следува Концертот на Националниот џез оркестар, којшто ќе се одржи на Стариот градски пазар, со почеток во 19:30 часот. Биг-бендот на Националниот џез оркестар, под диригентската палка на Џијан Емин, ќе настапи со изведба на незаборавни хитови и поп-евергрини од македонската и светската музичка сцена, специјално аранжирани со нов, уникатен звук за оваа пригода. Ќе настапат и вокалните солисти: Андријана Јаневска, Светлана Јовановска, Дејан Бобиќ и Калина Велковска.