АктуелноЛокално

Левица Куманово – Жица за народот, милиони за блиските на ЗНАМ и ДПМНЕ

Додека жителите на Куманово веќе осум месеци се гушат во смрдеа, апелираат и протестираат за трајно решение на еколошкиот пекол наречен депонија Краста – локалната власт предводена од ЗНАМ–ДПМНЕ реши да потроши речиси 1,2 милиони денари за оградување со жица и бетонски столпчиња. Наместо да се санира или измести депонијата, властите се одлучија да ја “оградат”.

Јавната набавка, која предизвика жестоки реакции, вклучува изградба на 600 метри ограда, а нејзината вредност изнесува околу 20.000 евра – износ што, според активисти и локални претставници, е нереално висок и „мириса“ на класично тендерско профитирање.

Левица – Куманово остро реагираше на набавката, потенцирајќи дека додека луѓето дишат отрови и чекаат институционална реакција, актуелната локална власт бесрамно троши јавни пари на огради, наместо на решенија.

„Наместо рекултивација или дислокација на депонијата, се трошат народни пари на жица! Ова не е заштита, ова е перверзија!“, истакнуваат од Левица – Куманово.

Советничката група на партијата поднесе прашања до директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, кој е надлежен за набавката. Наместо факти и транспарентност, добиле – дрскост.

„Не добивме конкретен одговор, ниту цена по метар, ниту документација – само игнорантност и ароганција. Очигледно е дека некој сака да си наполни џебови пред да замине од функција“, реагираат од Левица.

Депонијата Краста, позната по честите пожари, чадење и загадување, претставува сериозна закана за здравјето на населението во околните населби. Наместо итна интервенција, жителите добиваат ограда – како симболично оградување на нивниот гнев.

Од Левица – Куманово најавуваат ревизија на сите сомнителни јавни набавки по преземањето на локалната власт.

„Ќе ги отвориме сите фиоки, ќе ги објавиме сите сомнителни договори. Оваа пародија на владеење ќе добие крај – со фактури, имоти и кривични пријави“, порачуваат од партијата.

Z P

Zvezdanka Pesikj