Левица Ѓорче Петров: Урбаната мафија го уништува Ѓорче – од институциите молк
Локалниот огранок на Левица во Ѓорче Петров реагира бурно по денешниот инцидент при кој дел од ѕид на постојна, населена зграда се сруши за време на бетонирање на нова станбена зграда, а бетон се изли во внатрешноста на домовите. Според Левица, овој случај претставува уште една алармантна потврда за урбанистичкото дивеење и институционалниот молк кој сериозно ја загрозува безбедноста на граѓаните.
„Ѓорче се распаѓа под тежината на урбаната мафија и институционалната немост“, стои во соопштението на партијата, во кое остро се осудува не само изведувачот на градбата – фирмата ЕУРОВИА, туку и општинските власти, особено градоначалникот Александар Стојкоски и градежниот инспекторат.
Левица обвинува дека ниту градоначалникот ниту претставници од неговиот тим се појавиле на местото на инцидентот, и покрај сериозноста на ситуацијата. Дополнително, партијата потсетува дека уште претходно предупредувала на ризиците од оваа градба, посочувајќи на случај со оставена незаштитена дупка на тротоарот, која била санирана дури по јавна реакција и притисок.
„Граѓаните не смеат да бидат колатерална штета во профитерските зделки меѓу Стојкоски, урбаната мафија и политичките спонзори на ДУИ“, се наведува во соопштението, со директна критика кон општинскиот градежен инспекторат кој, според Левица, наместо да постапува по службена должност, дејствува како параван за незаконско градење.
Партијата апелира и до надлежните институции на државно ниво да го испитаат квалитетот на материјалите и стандардите под кои се градат новите станбени објекти. „Очигледно се користат неквалитетни материјали, се крати на основните елементи, изведбата е несовесна, а технички надзор практично не постои“, предупредуваат од Левица.
Партијата порачува дека градежната мафија не гради за живот, туку за профит, и бара од институциите конечно да се разбудат и да ги заштитат граѓаните од катастрофални последици.
Целосното соопштение на Локалниот огранок на Левица од Ѓорче Петров во продолжение: