АктуелноЛокално

Левица: Владата на ДПМНЕ си ги пере рацете со реконструкција на покривот – Архивот останува во руинирани услови

Секторот за култура при партијата Левица жестоко реагира на одлуката на Владата предводена од ДПМНЕ да инвестира во реконструкција на покривот на Археолошкиот музеј, каде моментално е сместен Државниот архив на Македонија, наместо конечно и трајно да го реши проблемот со враќање на Архивот во неговата стара, наменски изградена зграда.

„Владата на Мицкоски наместо суштинско решение, повторно ќе фрла пари за санација на нефункционален простор“, стои во реакцијата на Левица. Партијата укажува дека архивскиот материјал — оригинални, ретки и исклучително вредни документи кои се темел на македонската државност — веќе десет години се чуваат во простор со сериозни структурни и технички недостатоци.

Според Левица, покривот на зградата изграден во рамки на проектот „Скопје 2014“ прокиснува, нема вентилација, а низ ѕидовите каде што се чува документацијата минуваат водоводни цевки — состојби кои го загрозуваат целиот архивски фонд.

Партијата потсетува дека старата зграда на Државниот архив, во која оваа институција функционирала од 1969 до 2014 година, ги исполнувала сите стандарди за архивска дејност – со одвоени простории за администрација и депоа, со можност за проширување, и со веќе постоечка маркица за изградба на дополнително депо.

Левица потсетува дека архивот беше иселен од својата зграда во 2014 година за да се направи место за Обвинителството за организиран криминал, како дел од проект за кој Владата на Никола Груевски доби 600.000 евра грант од европските фондови. Според нив, иако СДС ветуваше решавање на проблемот, тоа не се реализира – наместо тоа, се промовираше нереален проект за изградба на нова зграда, кој не доби поддршка ниту од стручната јавност.

„Владата на Мицкоски денес си ги мие рацете со реконструкција на покривот“, велат од Левица и апелираат да престанат, како што велат, „игрите“ со оваа институција од национално значење. Партијата останува доследна на ставот дека Државниот архив мора да се врати во старата зграда, што е и дел од нивната програмска платформа.

Левица повикува на итна и одговорна институционална акција за да се заштити и сочува културното и историското наследство на државата.

Реакцијата од Секторот Култура на партијата Левица ви ја претставуваме во целост на линкот подолу: