Полицијата на Спасовски уште денес затвара дел од улиците во Скопје поради чествувањето на Гоце Делчев во сабота
Министерството за внатрешни работи информира дека од денеска се преземаат засилени активности и мерки за подигнување на безбедноста околу црквата „Св. Спас“ во Скопје, при што ќе се преземат мерки за посебен режим на сообраќајот.
Мерките почнуваат денеска од 18 часот, по најавениот настан за организирано чествување на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев кој ќе се одржи во сабота во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
-Притоа, од денеска за сообраќај ќе биде затворена ул.„Самоилова“, на потегот од ул.„Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосницата со ул.„Прохор Пчински“, а на 04.02.2023 година (сабота) посебен режим на сообраќај ќе се спроведе на ул.„Лазар Личеновски“ и ул.„Самоилова“.
Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот, информира МВР.