АктуелноЛокално

(Видео) „Радушка“ – Пет години раскопана улица и ниту еден одговор: Левица од Ѓорче Петров со остра критика до локалните власти

Локалниот огранок на Левица од Ѓорче Петров упати силна критика кон локалната и централната власт поради недовршената реконструкција на улицата „Радушка“, која веќе пет години стои во полураспадната состојба. Според партијата, улицата е симбол на институционалната небрежност, политичко тактизирање и игнорантски однос кон потребите на граѓаните.

Во своето јавно обраќање, Левица нагласува дека додека во Ѓорче Петров никнуваат нови згради со брзина без преседан, инфраструктурата – особено улицата „Радушка“ – останува заглавена во бескрајни „финални фази“. Пораката е јасна: додека приватниот интерес напредува, јавниот интерес стагнира.

„Радушка“ е жив песок од ветувања – кажуваат од Левица – улица која се реконструира на хартија и на социјалните мрежи, но не и на терен. Секоја изборна кампања носи ново ветување, нова објава, нова ‘финална фаза’, но завршница – никаде.

Партијата исто така посочува дека реконструкцијата на улицата се користи за политички маркетинг, со фокусирање на сечење ленти и организирање на медиумски настани, додека вистинските работи остануваат недовршени. Овој пристап, според нив, не само што е неефикасен, туку и опасен за граѓаните, особено со оглед на безбедносните ризици што произлегуваат од недовршената инфраструктура.

„Кај нас не важи ‘прво скокни, па кажи оп’, туку обратно. Прво се сече лента, се прават фешти, па потоа се заборава на ветувањата“, велат од Левица.

Со овој настап, Левица јасно става до знаење дека нема да молчи пред политичката алчност и институционалната ароганција, и најавува дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата, барајќи отчетност и навремено исполнување на обврските кон граѓаните на Ѓорче Петров.

Видеото може да го погледнете подолу: