Баџанакот на Мицкоски – донатор на ДПМНЕ со бугарски пасош и сомнителни бизниси во Петрич
Во сенка на сè погласните апели за транспарентност и одговорност, повторно испливува прашањето: дали Македонија е заложник на лични и фамилијарни интереси на политичката елита? Баџанакот на премиерот Христијан Мицкоски, Јорданчо Јанев, повторно е во фокусот – овојпат како донатор на ВМРО-ДПМНЕ со вкупна сума од 20.000 евра во 2019 и 2021 година. Но, неговото име не се појавува само во донациските списоци.
Јанев, кој медиумите го поврзуваат со бугарски компании и бугарско државјанство стекнато уште во 2017 година, претставува само еден дел од поширока слика што го поврзува врвот на власта со приватни, па дури и прекугранични, бизнис интереси. Случајно или не, неговото државјанство потсетува на истиот „економски мотив“ што го наведува и министерката за енергетика Сања Божиновска – уште еден висок функционер со бугарски пасош.
Фамилијарен патриотизам или организиран систем?
Она што уште повеќе ја интензивира јавната недоверба се донациите кои, наводно, доаѓаат од самата фамилија Мицкоски. Премиерот, неговата сопруга и неговиот татко заеднички донирале речиси 60.000 евра на партијата – сума тешко достижна за семејство кое, според јавните изјави, живее само од професорски плати. Прашањето што логично се наметнува е: од каде доаѓаат овие пари?
Јавноста ретко има увид во вистинските приходи и имотна состојба на премиерот, кој во биографијата доставена до Собранието не го навел фактот дека е сопственик на две фирми поврзани со енергетскиот сектор. Тоа отвора сериозни сомнежи за свесно прикривање на бизнис активности и за можни конфликти на интереси – особено во време кога цената на струјата се качува, а профитите во енергетиката стануваат енормни.
Енергетска мафија – семеен бизнис?
Патем, токму во овој бизнис-сектор се вклучени и фирми од Струмица – родниот град на Јанев – каде што, според објавените податоци, се формирани неколку фирми со сомнителна поврзаност со власта. Сличностите со моделот на владеење на Зоран Заев се очигледни: и тогаш и сега, фамилијата е централен играч во енергетскиот профит.
Во исто време, институциите – кои треба да ја гарантираат законитоста и отчетноста на финансирањето на политичките партии – остануваат неми. Државната комисија за спречување на корупција, Финансиската полиција и другите надлежни тела досега не покажале никаква волја да истражат од каде потекнуваат донациите кои се бројат во десетици илјади евра.
Профит за моќните, сметки за сиромашните
Додека врвот на власта комотно донира суми што надминуваат годишна просечна плата, граѓаните се соочуваат со највисоки цени на електрична енергија во регионот. Кој профитира од ова? И зошто премиерот упорно ја избегнува темата за неговото учество во приватни бизниси?
Ова не е само прашање на морал, туку прашање на владеење на правото. Ако институциите молчат, тогаш одговорноста останува на јавноста и медиумите – да не дозволат овие прашања да исчезнат во дневно-политичката магла.