АктуелноЛокално

(Видео) Мојсоска: ДПМНЕ постави бугарофил и поранешен лустратор во Комисијата за заштита од дискриминација

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, денеска жестоко ја критикуваше одлуката на владејачкото мнозинство да го именува Вецко Здравевски за нов член на Комисијата за заштита од дискриминација, нарекувајќи го овој потег „скандалозен и длабоко опасен за човековите права во државата“.

Од собраниската говорница, Мојсоска предупреди дека Здравевски е поранешен член на озлогласената Комисија за лустрација, чие работење резултираше со пресуди против Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Имено, судот констатирал прекршување на човековите права токму поради одлуки на телото во кое учествувал Здравевски.

„Денеска, владејачкото мнозинство составено од ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, изгласа партиски ветеран кој не само што беше дел од незаконските лустраторски процеси, туку и беше амнестиран преку скандалозните измени на Кривичниот законик. Сега тој треба да штити граѓани од дискриминација. Цинично и опасно“, истакна Мојсоска.

Пратеничката посочи и дека Здравевски доаѓа од, како што ја нарече, „бугарофилската струја“ на ДПМНЕ и ја поврза неговата улога со долгорочната стратегија на официјална Софија.

„Комисијата веќе со години е мета на претставки од невладини организации финансирани од бугарската држава, кои се обидуваат да докажат наводна дискриминација врз бугарско малцинство. Сега, со ваков член, сите тие претставки ќе се уважуваат и ќе се подготви теренот за промена на Уставот и уставно вметнување на Бугарите – во согласност со санстефанската агенда на Бугарија“, предупреди таа.

Мојсоска заврши со повик до јавноста и институциите да не молчат пред, како што рече, „директен обид за институционализирање на бугарската пропаганда преку домашни партиски структури“. Од ДПМНЕ засега нема официјален одговор на изнесените обвинувања.

Видеото од илагањеето на пратеничката од Левица, Јована Мојсоска: